Одборот за доделување награди на Општина Кочани на седницата што ја одржа на 1 септември,  донесе одлука  Наградата за значајни остварувања за развојот на општината Кочани да му ја додели на Благој Веселинов, актер во Македонскиот народен театар, со повеќе значајни улоги на филмското платно, маркантна личност во културното живеење, добитник на наградата Ѕвезда во подем на Берлинскиот филмски фестивал.

Оваа година Одборот одлучи Наградата на Oпштина Кочани за животно дело, постхумно да му ја додели на културниот деец Борис Стојчев, уметник, истражувач и собирач на народни умотворби од Кочанско, основач на Околискиот народен театар во Кочани.

Највисоките општински признанија ќе бидат доделени на свечената седница што Советот на Општината ќе ја одржи на 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани. Поради здравствената состојба, седницата ќе се одржи со ограничен број посетители, според протоколите за заштита утврдени од страна на Владата на Република Северна Македонија.