Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев ги потпиша договорите за реализација на проектите за реконструкција на улицата „Роза Петрова“ и за изградба на вториот дел од локалниот пат Крушка – Ајдар, за кои Бирото за регионален развој определи учество со износ од 9,5 милиони денари.

Според проектот, реконструкција на улицата „Роза Петрова“ ќе се изведе од вкрстувањето со улицата „Ристо Симеонов“ до спојот со улицата „Страшо Ербапче“. „Роза Петрова“ е една од најфреквентните улици во Кочани која поврзува  дел од најголемите населби во градот: Текешински Лозја, Драчевик, Калиманова Глава и Валог. Таа е една од сообраќајните врски на западниот влез на Кочани со туристичкиот локалитет Пониква.

Бирото за регионален развој намени 3 милиони денари за изградба на втората фаза од локалниот пат Крушка – Ајдар, во должина од 773 м. Првата фаза од изградбата на овој пат опфати асфалтирање на близу 2 км, а со реализацијата и на останатиот патен правец целосно ќе се комплетира врската со градот Кочани.

– Сметам дека обезбедивме финансиска поддршка од државата за два значајни проекта, од кое едниот во градот, а другиот во населено место. Реконструкцијата на   улицата „Роза Петрова“ е неопходна поради оштетувањата на коловозот што сообраќајната сигурност на оваа улица не е на задоволително ниво. Со изградбата пак, на патот Крушка – Ајдар обезбедуваме подобри и поквалитетни услови за живот на жителите од селата што гравитираат на овој дел од осоговскиот простор и создаваме услови за развој на руралниот туризам – соопшти градоначалникот Илијев.