Отворајќи го настанот, градоначалникот Владко Грозданов истакна дека дигиталната поврзаност претставува предуслов за современ и инклузивен локален развој. Тој нагласи дека бесплатниот јавен интернет во Кочани е значајна придобивка за граѓаните, младите, посетителите и локалните бизниси, бидејќи овозможува полесен пристап до образование, дигитални услуги и јавни информации.
Со ова, Градскиот парк и Центарот за култура „Бели мугри“ се локации со бесплатен и сигурен пристап до интернет, што ја олеснува комуникацијата на граѓаните, пристапот до дигитални услуги и информации, како и условите за образование, култура и туризам.
На настанот говореа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, в. д. шефот на Делегацијата на Европската Унија Бен Нупнау, заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија во Северна Македонија Јан-Аксел Фос, директорот на ГИЗ за Северна Македонија Давид Оберхубер и главниот директор за финансии во Македонски Телеком Славко Пројкоски.
Во рамки на настанот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу ГИЗ и Општина Кочани, со што е формализирана долгорочната соработка за функционирање и одржување на WiFi4WB мрежата во општината.
Иницијативата WiFi за Западен Балкан е дел од проектот EU4Digital, кофинансиран од Европската Унија и Владата на Сојузна Република Германија, а имплементиран од ГИЗ.























