Членовите на Едукативниот центар за роботика „Робо москитос“ осмислија безбедна пешачка зона за централното градско подрачје на Кочани. Седумтемина основци и средношколци од Кочани, под менторство на нивните наставници,  имаат иновативно решение – висечка пешачка зона што ќе ги поврзува двете страни на Кочанска Река на потегот од училиштата „Свети Кирил и Методиј“ и „Никола Карев“, до Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“ и паркингот кај Трговскиот центар.

На презентацијата што ја имаа во Општина Кочани, учениците образложија дека станува збор за пешачка зона над тротоарите од двете страни на реката, во должина од околу 700 метри, со проширување на платформа, односно простор за социјализација кај Центарот за култура.

– Идејата потекна од личното искуство што го имаме со сообраќајниот метеж,  којшто се создава кога родителите ги оставаат децата пред училиштата и кога се враќаат од работа дома. При изработката на проектот внимававме да не се наштети на веќе изградените објекти, да не се навлезе во речното корито, да се изгради висечки стаклен мост, каде ќе има проток на пешаци, а долу, на коловозот да се одвива сообраќајот за моторните возила – објасни Иван Донев, член на Центарот за роботика „Робо москитос“.

За реализација на оваа пешачка зона нема да има потреба од никакво уривање, а таа нема да го покрие и коритото на Кочанска Река, односно патеките ќе бидат веднаш над тротоарите. Градбата е замислена да биде од челик и стакло. Постојните тротоари, пак би биле наменети за велосипедисти.

– Децата работеа вредно, како прво на истражување на проблемот со кој се соочуваме во нашиот град, а потоа и на самото решение. Истражуваа на интернет, се консултираваме со градежни инженери, со архитекти и урбанисти, да видиме дали тоа што го замислиле може да се реализира. Нашето решение не е конечно, може да се усовршува, за во иднина да може да се реализира – изјави Роза Војновска, менторка во „Робо москитос“.

Со овој проект Едукативниот центар „Робо москитос стем роботикс“ од Кочани ќе учествува на претстојниот Државен натпревар по роботика што ќе се одржи на 22 април во Штип.

Службите од Секторот за урбанизам во Општина Кочани ја поздравија оваа футуристичка инсталација како решение на проблемот со сообраќајот во централното градско подрачје, со надеж дека ќе може да се вклопи во урбанистичките планови на Кочани.