Со асфалтирањето на улиците во Оризари и Тркање, завршува изградбата на петте улици во руралниот дел од општина Кочани од Проектот за подобрување на општинските услуги.
– Овие два дена интензивно се работеше на завршницата на улиците „АСНОМ“ и на двата крака на „Раде Кратовче“ во Оризари. Паралелно се работеше и во Тркање, така што веќе резултатот е видлив и на улиците „Борис Ефтимов“ и на третиот крак од „Маршал Тито“. Задоволни сме што жителите од овие две села добија патна инфраструктура на која чекале со децении – соопшти градоначалникот Николчо Илијев.
Изведувачот на градежните работи, фирмата „Ленди груп“ ќе продолжи со работа на улиците во градот Кочани: „Кирил и Методиј“, „Скопска“, „560“, „Стефка Тасева“ (со „Скоевска“ и „555“), „Петар Синадинов“ и „Искра“ во Кочани. Кај дел од нив веќе се гради атмосферска канализација, потпорни ѕидови и тротоари.
Единаесетте улици во Кочани и во населените места Оризари и Тркање се реализираат со средства од Меѓународната банка за обнова и развој, преку компонентата Општински инвестиции.