Амбасадорот на Унгарија, Ласлу Иштван Дукс ја посети Општина Кочани. На средбата со градоначалникот Ратко Димитровски беше нагласена потребата за зајакнување на соработката меѓу локалните заедници од двете земји.
– Во Македонија сум од август и ова е моја прва официјална посета на Кочани. Кочани има посебно место во унгарско-македонските односи, тоа е град што прв воспостави соработка за збратимување со некој унгарски град, како што е Сигетсентмиклош. Со градоначалникот разговаравме за економската соработка на планот на геотермалната енергија и во земјоделството – изјави амбасадорот Дукс.
Градоначалникот Димитровски соопшти дека на средбата со амбасадорот Дукс се разговарало за проширување на стопанската соработка со унгарските градови.
– Република Унгарија стипендира пет наши млади студенти – Роми, и со економскиот претставник на унгарската трговска куќа во Република Македонија сакаме да оствариме контакти за да можеме да ги презентираме производите од Кочани и на инвеститорите да им ги претставиме можностите за инвестирање во општината Кочани – рече градоначалникот Димитровски.
Во рамките на постета на Општина Кочани, унгарскиот амбасадор оствари средба со учениците Роми, стипендисти на Владата на Унгарија, што е особено важно во поддршката на развојната политика.