Велосипедската прошетка со своето учество ја поздравија амбасадорката на Швајцарската Конфедерација Сибил Зутер Техада, амбасадорка на Сојузна Република Германија Анке Холштајн, потпретседателот на Владата Љупчо Николовски, директорката на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Скопје, Ева Елерајт, претставници на Македонското еколошко друштво, на велосипедски здруженија во Кочани и многу љубители на велосипедизмот.
– Со оваа велосипедска прошетка го промовираме и завршувањето на проектот за патно поврзување на трите села: Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци, како и јавното осветлување на оваа делница, која е одлична за возење велосипед. И во иднина ќе настојуваме да создаваме што подобра инфраструктура за велосипедистите и ќе ги поттикнуваме граѓаните за користење на велосипедот како превозно средство што не ја загадува животната средина – изјави Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
За учесниците на настанот организаторот на велосипедската тура обезбеди закуска со специјалитети од кочански ориз и традиционална храна, во дворот на манастирот „Св. Јован“ во селото Горни Подлог.