Во рамките на Проектот за управување по речниот слив на Брегалница, денеска и утре во сите 15 општини во регионот се организираат низа активности под мотото „Вода за живот“.
Ученици од Средното општинско училиште „Гошо Викентиев“ од Кочани и вработени во КЈП „Водовод“ во претпладневните часови спроведоа акција за расчистување на отпадот во централното градско подрачје на Кочани. Учесниците во акцијата расчистуваа дел од коритото на Кочанска Река и делови од Градскиот парк.
Според најавите, на 3 јуни во Виница ќе се реализира широк настан со различни содржини за сите возрасни групи. Децата ќе бидат вклучени во игри, експерименти и сложувалки. Ќе се врши и тестирање на вода од природни извори и бунари кои не се испитуваат редовно.
– Исто така стручњаци од Земјоделскиот институт од Скопје ќе држат предавања на кои ќе бидат презентирани добри земјоделски практики и сознанија за тоа што го загрозува најмногу земјоделството во регионот како и експерименти за ориз кои се спроведуваат во рамки на друг проект во регионот на Брегалница – соопшти Јулијана Лапевска, лице за односи со јавноста во Проектот за управување по речниот слив на Брегалница.