Со цел да се истакне значењето на физичката активност и здравата храна како фактори за добро здравје, Општина Кочани во соработка со локалниот огранок на Здружението за борба против рак на дојка и сите други видови рак „Борка – за секој нов ден“ реализираа прошетка до излетничкото место Гоцева Шума.
Под мотото „Пешачењето е здравје“ во прошетката се вклучија Извидничкиот одбор „Ластовица“, граѓани поддржувачи на здравиот живот, лекари специјалисти, членови на Советот на Општина Кочани, а гости беа и членови на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Советот на Општина Кавадарци.
За прошетката до излетничкото место се користеше земјената пешачка патека од десната страна на коритото на Кочанска Река.
Учесниците ги поздравија координаторката на „Борка“ – Кочани, Валентина Андонова, д-р Драгана Могилевска-Груевска и д-р Виолета Димитрова. За факторите за здрав живот и за значењето на здравата храна, кратко обраќање имаше д-р Мирко Анакиевски, а стихови за порака за поддршка на лицата што се борат со тешки болести читаше Ружа Стојмилова.
– Користете ги пешачките и велосипедските патеки, движете се што повеќе, а ние како досега и натаму ќе работиме да создаваме што подобри услови за урбана мобилност. Со овој настан сакаме да се обединиме сите, без оглед на пол, возраст, националност и да си помагаме еден на друг, бидејќи тоа е повеќе од потребно во време кога се соочуваме со пандемија или ги трпиме последиците од здравствената криза – повика градоначалникот Николчо Илијев.
Најмалиот учесник на прошетката имаше три години, а највозрасниот 84 години.
Активноста е испланирана со Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите на Општина Кочани за 2021 година.