Денеска, под мотото „Другаруварувањето со книги ни е песна“, Библиотеката „Искра“ со повеќе содржини го одбележа Меѓународниот ден на литературата за деца.
Учениците од Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ имаа литературна средба со авторот Васил Мукаетов, добитник на наградата „Ванчо Николески“ за 2017 година, а се реализираа и средби на кои учениците можеа да се запознаат со творештвото на писателите за деца Ели Маказлиева, Александра Велинова, илустраторот Игор Јовчевски, како и авторките Јасмина Кантарџиева-Димков, Љубинка Донева и Марина Гоцевска.
Во рамките на програмата беше реализирана и креативна работилница на илустраторот Ивица Спасовски со ученици од Училиштето за цртање и сликање при Центарот за култура „Бели мугри“ – Кочани, а во просториите на Библиотеката „Искра“е отворен продажен штанд со богата литература за деца на издавачката куќа „Едука мак“.
Во Мултикултурниот центар во Кочани, се одржа „Фестивалот на децата, книгите и музиката“ на кој пораки за книгата и читањето беа испратени преку повеќе литературни, музички и драмски активности во изведба на ученици од кочанските основни училишта. На присутните им се обрати и градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев кој ја истакна поддршката на секоја активност со којашто се мотивираат најмладите читатели кон другарувањето со книгата и кон градењето култура кон читањето.
Одбележувањето на овој меѓународен ден, кој како роденден на Ханс Кристијан Андерсен во светот се слави од 1967 година, е со цел да се поттикне љубовта кон литературата за деца.
Проектот е дел од Годишната програма на Министерството за култура на Република Македонија за 2018 година, а е поддржан и со средства од Буџетот на Општина Кочани.