Советот на Општина Кочани, на седницата што ја одржа на 30 јануари 2026 година, усвои неколку правилници од областа на социјалната заштита: Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за уредување на поблиските услови, критериуми и начинот на доделување на еднократна парична помош на социјално загрозени лица и лица кои се нашле во положба на социјален ризик; Правилникот за уредување на поблиските услови, критериуми и начинот на доделување на еднократна парична помош на социјално загрозени лица и лица кои се нашле во положба на социјален ризик; Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за уредување на начинот и условите на доделување на финансиска помош на социјално загрозени граѓани, жители на општина Кочани за набавување на лекови што не се наоѓаат на Позитивната листа на лекови, како и за обезбедување на карта за превоз за лекување во здравствена установа надвор од градот Кочани; Правилникот за уредување на начинот и условите на доделување на финансиска помош на социјално загрозени граѓани и лица во социјален ризик, жители на општина Кочани за набавување на лекови кои не се наоѓаат на Позитивната листа на лекови, како и за обезбедување на карта за превоз за лекување во здравствена установа надвор од градот Кочани и карта за превоз за лица сместени во специјализирани установи надвор од градот Кочани.
Советот донесе Одлука за изведување на спомен-обележје „Патека на бесконечноста за 63-те ангели“, со која се дефинира изведувањето на спомен-обележје кое не е предвидено со урбанистичко-планска документација. Просторот за изведување на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63-те ангели“, претставува дел од КП бр.12179 КО Кочани со вкупна површина од 1.053 м2 и максимална висина 3 м. Локацијата за изведување е помеѓу ул. „Кеј на револуцијата“ и ул. „Браќа Ставреви“.
Советот донесе Одлука за проширување на Буџетот на Општина Кочани за 2026 година; Одлука за организирање општински линиски превоз на патници на подрачјето на општина Кочани со учество на Општината во цената на билетот по патник на распределената линија, како и Одлука за именување членови на Управниот одбор на КЈП „Водовод“.























