Советот на Општина Кочани ја одржа 22. седница, на чиј дневен ред се најдоа седумнаесет точки, во кои доминираа од областа на образованието.
Разгледувајќи ги полугодишните извештаи за успехот и работењето на општинските основни училишта, членовите на Советот го отворија прашањето за изостанувањето на учениците, констатирајќи дека бројот на изостаноците се намалува, но појавата тешко се искоренува.
– Ваквата состојба е резултат на повеќе причини: толерантни законски одредби, заштитнички однос на родителите кон учениците, толерантни професори; ученици кои си ги знаат правата, а не се придржуваат кон одговорностите. Оваа тема бара дебата, ревидирање на законот и пошироко дејствување – повика Гордана Антова од говорницата во Советот.
По ова прашање членови на Советот предложија Општината да издвојува повеќе финансии за подобрување на состојбите, што би било значаен исчекор по сервисирањето на огромните долгови во образованието.
Советот дискутираше и за потребата од подобрување на санитарно-хигиенската и техничката состојба на предучилишните и училишните установи во Кочани, а го усвои и извештајот за аплицираните и реализираните проекти во 2018 години.
Советот одлучи да се изврши изменување и дополнување на одлуката за извршување на Буџетот на Општина Кочани. Со тоа месечниот паушал за присуство на членовите на седниците ќе се исплатува само во случај на присуство на сите седници во тековниот месец. Ваквата измена треба да воведе поголема одговорност од советниците и поголема правичност во наградувањето за нивниот ангажман.
Вообичаено, градоначалникот Николчо Илијев на крајот на седницата одговараше на советничките прашања, од кои најмногу беа поврзани со решавање на комунални, инфраструктурни и сообраќајни потреби и проблеми.