Со цел да ги усогласи со релабансот на Буџетот, Советот на Општина Кочани, на 18. седница изгласа измени на неколку тековни развојни програмски документи. Поради добиените пониски цени на јавните набавки и претстојната сезона, за 3,8 милиони денари се намалени средствата во Програмата за за уредување на градежното земјиште за 2018 година.
Зголемени се сумите за програмите за одржување на општинските патишта и улици и за изградба на системите за вбодоснабдување. За општинските улици и патишта се наменети 5 милиони денари повеќе, од првичните 34 – сега се 39 милиони, а за системите за водоснабдување – од 2,7 милиони на 3,5 милиони денари, средства со кои се планира изработка на проектна документација за изградба на брана на Арамиска Чешма.
– Измените во програмата за изработка на урбанистички планови се направени затоа што некои планови ќе продолжат да се реализираат во 2019 година, соопштија стручните служби во Општина Кочани, поради што оваа Програма се намалува од 3,5 на 1,9 милиони денари.
За околу 330 илјади денари се зголемени и средствата за реализација на Програмата за јавна чистота, а од 3,2 милиона на 3,6 милиони денари се покачени и средствата за реализација на Програмата за одржување на паркови и зеленило.
Советникот Сашко Стефановски предложи на КЈП „Водовод“ да му се помогне со подобра опрема и повеќе ресурси како поддршка на извршувањето на работите за јавна чистота.
Членот на Советот Венко Крстевски нагласи дека во изминатата година скоро три пати е зголемен и обемот на работа на КЈП „Водовод“.
– Ние како Совет и како Општина потребно е да дадеме поголема поддршка на Комуналното претпријатие. Мислам дека така во 2019 година ќе има подобри резултати за да бидеме најчист град во државата – рече Крстевски.
Намалување на средствата има во Програмата за социјална, детска и здравствена заштита, од 1, 6 на 1,3 милиони денари, како и на Програмата за изградба на фекална и атмосферска канализација, која е намалена за 90 000 денари.
Секретарот на Општина Кочани, Александар Јосифов соопшти дека Планот за релизација на програмите за 2018 година се завршува со 61 милион денари, а за 2019 година износот е проектиран на 76, 5 милиони денари, кој заедно со грантот од Светска банка во висина од 3 милиони денари ќе изнесува близу 80 милиони денари.