Деновиве, Основното училиште „Никола Карев“ започна со адаптација на тоалетите. По спроведената јавна набавка и склучениот договор со изведувачот „Техноинженеринг“ од Радовиш, веќе се работи на изведба на комплет нова водоводна инсталација, замена на вратите и плочките со нови и санација на таваните. Ќе бидат поставени нови елементи во тоалетите на приземјето, првиот и на вториот кат. Според договорот за јавна набавка за сите работни позиции се наменети 780 илјади денари.
Активностите ќе продолжат во наредниот период со замена на прозорците и реконструкција на дел од подот и во Подрачното училиште „Никола Карев“ во селото Тркање.
Во текот на зимскиот распуст се реновираат тоалетите на двата ката и во ОУ „Крсте Мисирков“ во Оризари. Се поставува нова водоводна и канализациската инсталација и нови санитарни елементи.
Реконструкција на тоалетите најавува и ОУ „Малина Попиванова“, за што според Планот за јавни набавки ќе бидат наменети 600 илјади денари. Неделава училиштето ги отстрани проблемите со електричната инсталација, а директорот Благој Петров информира дека во приоритетите за ова училиште останува замената на котлите за парно греење.
ОУ „Свети Кирил и Методиј“ распиша тендер за санација на дел од кровната конструкција. Ќе се работи на оштетен дел над десетина училници, со што, заедно со претходните интервенции, ќе бидат санирани околу 50 % од покривот. Според директорот Даниел Кралев, наредниот период ќе биде искористен за замена на училишните клупи во целото училиште.
Согласно планирањата, во наредниве неколку месеци ОУ „Раде Кратовче“ ќе работи на реконструкција на подот на училниците на првиот кат. За ова училиште приоритет е подобрувањето на условите за одржување на часовите по физичка култура.
За образовните институции во Кочани, 2018 година беше период на финансиска консолидација. Во 2019 година Општина Кочани ќе настојува обврските во целост да ги исполни, што ќе биде основа за посилни инвестиции. Според насоките од градоначалникот Николчо Илијев, предност треба да им се даде на проектите за термофасади на зградите и за обновување на крововите.