Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатија за државни патишта, Зоран Китанов и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев извршија увид во текот на градежните работи на патот Пониква – Кочани.
– Она што го ветивме пред неколку месеци веќе се реализира, а тоа е реконструкцијата на патот Пониква – Кочани, во должина од десетина километри во износ од 6 милиони евра, што ќе придонесе за развој на туризмот. Покрај овој пат, Владата на Република Македонија, преку Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, ќе инвестира околу 60 милиони евра во делот на Кочани и Кочанскиот регион. Ова се однесува пред сè на експресниот пат Скопје – Кочани, со кој ќе се прави обиколница околу Кочани – изјави министерот Сугарески.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов најави дека од понеделник почнуваат работите на патот Тркање – Пишица, а по рехабилитацијата на патот од Кочани, Македонска Каменица до Делчево сега се завршува поставувањето на еластичната ограда.
– Не постои општина во Македонија каде што минимум еден пат не се рехабилитира, до крајот на октомври уште на 21 пат ќе се отпочне со рехабилитација – рече Китанов додавајќи дека Јавното претпријатие ќе отпочне со увид на можности за изградба на патишта и од другите населени места кон Пониква.
Според градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, рехабилитацијата на патот Пониква – Кочани е еден од значајните инфраструктурни зафати за Источниот регион.
– Ова е најважната сообраќајна врска со туристичкиот центар Пониква. Овој пат е изграден пред точно 40 години. Ова е вистински чекор за развој на Пониква и на Осоговијата и ова е услов за развој на туризмот како стратегиски правец за Кочани – истакна Илијев.