Поради дефект на водоводната мрежа на улицата „Ѓорче Петров“ во Кочани, деновиве дојде до излевање на вода од пукната водоводна цевка, која поради ниските температури замрзнуваше долж улицата и создаваше отежнати услови за движење. Жителите од овој дел на градот се соочија со проблеми при приодот до своите домови, а минувачите и возачите беа изложени на зголемен ризик при движењето.
Екипи на КЈП „Водовод“ интервенираа на терен, при што го отстрануваат дефектот и ја канализираат водата што истекува, со цел да се спречи понатамошно замрзнување и да се обезбеди безбедно движење по улицата.
На терен, заедно со екипите на „Водовод“, беше и градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, кој ја следеше интервенцијата и ја истакна важноста од навремено реагирање на ваквите дефекти, особено во зимски услови, заради безбедноста на граѓаните и нормално функционирање на сообраќајот.
Општина Кочани и КЈП „Водовод“ апелираат до граѓаните за трпение и разбирање додека траат интервенциите, со настојувања дефектот да биде целосно саниран во најкраток можен рок.























