Инспекциските служби од Општина Кочани и механизација на КЈП „Водовод“ претпладнево го исчистија натрупаниот комунален и друг вид отпад во населбата Трајаново Трло.
Станува збор за акција за расчистување на отпад создаден од страна на дел од месното население коешто живее во Трајаново Трло. Просторот што се наоѓа непосредно до Повеќенаменското игралиште, веќе со години се претвора во дива депонија, на која надлежните служби реагираат многу често, изнесувајќи го создадениот отпад со товарни возила.
Граѓани од оваа населба го критикуваат некоректното однесување на дел од нивните соседи, кои ова место за живеење, и по комуналните интервенции, за кратко време повторно го претвораат во големо ѓубриште. Овде покрај комуналниот отпад кој несовесно се изнесува, се исфрла пластика, старо железо и хаварисани возила.
Денешната акција за расчитување доаѓа по писмените опомени упатени кон дел од месното население во Трајаново Трло, за отстранување на исфрлениот кабаст отпад. Откако беа изнесени осум камиони отпад, исчистениот простор беше израмнет со машини.
Комуналните служби во Општина Кочани упатуваат повик до сите граѓани совесно да се однесуваат кон животна средина, бидејќи ќе се санционира секое неконтролирано исфрлање отпад.