Научно-истражувачкиот труд посветен на истакнатата македонска револуционерка родена во Кочани, Малина Попиванова, подготвен од авторите Георги Ајановски и Доне Донев, на 23 декември беше промовиран во ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани.

Делото го промовираше проф. д-р Виолета Ачкоска, која го истакна сликовитиот начин на кој авторите го прикажале животот на членовите од семејството Попиванови, кои трагајќи низ сувопарните историски факти и документи и собирајќи зрно по зрно од штурите сеќавања на сведоците, ја доловиле човечката димензија, судбината на поединецот одредена од дадените околности и политичките пресврти на епохата.

Публицистичкиот труд на Доне Донев, дополнет со новинарски истражувања на Ајановски во поранешниот Советски Сојуз е драгоцен сублимат за сѐ она што македонската историографија го има утврдено за семејството Попиванови, беше истакнато во писменото обраќање на Ајановски што пред присутните го презентираше актерката Кристина Атанасова Арсова.

Авторот Доне Донев ја истакна грандиозноста на ликот на Малина Попиванова, којашто се борела за правото и правдата на работникот и на работничката класа и која во секоја прилика и на секое место гласно изговарала дека е Македонка, родена во Кочани.

Извадоци од книгата „Прилози кон животот и дејноста на Малина Попиванова“ читаше актерот Страшко Милошевски.

Делото го издаде печатницата „Европа 92“.