Со чистењето на бунарите се очекува значително подобрување на капацитетот на водоснабдителниот систем, зголемување на протокот на водата, како и поголема севкупна ефикасност на системот. Овие активности се дел од пошироките напори на Општина Кочани за стабилно и квалитетно водоснабдување на граѓаните.
Градоначалникот Грозданов информираше дека паралелно со тековните зафати се прават и стручни проценки за отворање нови бунари, со цел зголемување на водните капацитети, особено во периоди на зголемена потрошувачка.
– Чистењето на бунарите во Грдовски Орман е неопходен чекор за да обезбедиме подобар и посигурен доток на вода за нашите сограѓани. Истовремено, работиме и на долгорочни решенија – нови бушотини, но и оптимизација на трошокот за електричната енергија што се користи за пумпање на водата од бунарите до Фабриката за вода – изјави градоначалникот Грозданов.
Тој посочи дека месечната сметка на КЈП „Водовод“ за електрична енергија изнесува околу 3 милиони денари, поради што Општината разгледува можности за користење алтернативни извори на енергија, со цел да се намалат трошоците и да се зголеми енергетската ефикасност.
– Нашата цел е одржливо и економично водоснабдување, со помали трошоци за јавното претпријатие и поквалитетна услуга за граѓаните на Кочани – додава градоначалникот.
Ваквите активности ќе продолжат и во наредниот период, со фокус на модернизација и унапредување на водоснабдителната инфраструктура.























