По утврдувањето на деветте нови случаи позитивни на коронавирусот, Општинскиот кризен штаб одржа седница со единствена точка на дневен ред – разгледување на состојбата и преземање мерки за спречување на ширењето и заштита од заразата што ја превидизвикува новиот вирус.
Директорот на Центарот за јавно здравје Гоце Серафимов соопшти дека со скринингот биле опфатени 329 лица вработени во градинките во Кочани, Чешиново-Облешево, Зрновци, Виница, Берово, Делчево, Пехчево и Македонска Каменица. Деветте позитивни лица од Кочани се од различни објекти на кочанската градинка. Досега Центарот за јавно здравје има направено анализи на вкупно 753 брисеви.
– Со ова се потврди присуството на вирусот, а растот на бројот на заразени е резултат на непридржување кон мерките за заштита. Простор за паника нема, бидејќи случаите се познати и се под контрола, но примената на заштитните мерки е повеќе од потребна – рече Серафимов.
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев истакна дека токму поради присуството на вирусот, неопходна е одговорност и поголема ажурност на инспекциските и другите надлежни служби.
Александар Максимов, началник на Одделението за внатрешни работи – Кочани, во контекст на состојбата најави дека полицијата во наредниот период почесто ќе биде на терен и ќе го контролира носењето заштитни маски, држењето дистанца и групирањето, како и почитувањето на протоколот за отворање и работа на угостителските објекти.
Деновиве КЈП „Водовод“ и ТППЕ – Кочани ќе ги дезинфицираат улиците, местата за одлагање на отпадот, градинките, училиштата и другите јавни објекти. Матичните лекари предложија, а Кризниот штаб донесе заклучок директорите на училиштата ригорозно да ги спроведуваат мерките за заштитата, а состаноците да се држат и на отворено. Детските и повеќенаменските игралишта не се пуштени во употреба и потребно е да се почитува таа забрана. Користењето на овие јавни површини е на ризик на родителите и на децата, а непочитувањето на мерките за заштита е казниво. Кризниот штаб упати апел до сите превозници, таксистите и патниците најодговорно да ги применуваат мерките за заштита од заразниот вирус.
Градоначалникот Илијев повтори дека само со одговорно однесување ќе може да се спречи ширењето на вирусот и повика сите да се придржуваат кон мерките за заштита: употреба на маска или марама, одржување хигиена и растојание од 2 метра.