Во организација на Светската банка, а со финансиска поддршка од Австриската програма за урбано партнерство, од 28 февруари до 1 март во Грац, Република Австрија се одржа „Симпозиум на градоначалниците од Југоисточна Европа“. На симпозиумот учествуваа околу 150 учесници, меѓу кои и 30-ина градоначалници од регионот на Југоисточна Европа: Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Хрватска.
Учесници од Македонија беа општините: Кочани, Виница, Гази Баба, Крива Паланка, Кисела Вода, Струмица и Гостивар. Општина Кочани ја претставуваа градоначалникот Ратко Димитровски и помошник-раководителката на Секторот за планирање и развој, Елена Димитровска.
На симпозиумот се дискутираше за надградба на четирите компоненти – Финансиска Самопроценка; Урбана Ревизија, Општествена отчетност и Градење на интегритет, преку голем број презентации и тематски панел-дискусии на претставниците и градоначалниците на градовите и општините од регионот на Југоисточна Европа.
Во делот „Општински финансии/Урбано планирање – предизвици и можности“, Елена Димитровска ги презентираше искуствата на Општина Кочани со Проектот за подобрување на општинските услуги и програмата Урбано партнерство финансирани од Светска Банка .
Градоначалникот Ратко Димитровски со уште петмина градоначалници од регионот учествуваше во панел-дискусијата на тема: „Лидерството на градовите неопходно во трансформација на градовите во Југоисточна Европа“.
Специјални гости на овој симпозиум беа градоначалниците на Оклахома Сити, Грац и на Виљнус од Литванија. Тие дадоа своја визија за развојот на градовите, како и за развивањето на концептите на „smart city“ и „knowledge economy“ преку развојот на таленти, привлекувањето инвестиции и поддршката на постојните бизниси. Голем акцент во дискусиите беше даден на квалитетот на живот како предуслов за остварување на наведените стратешки насоки.