Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој одобри финансиска поддршка на Општина Кочани во износ од 20 милиони денари за поврзување на селата Оризари и Гратче со Кочани.
– На барањето на Општина Кочани за реализација на овие проекти, Агенцијата одговори позитивно со одобрување на целосната побарана сума, што всушност претставува максимален износ на средства според распишаниот повик. Планираното учество на Општината е во висина од близу 4,2 милиони денари. Ова е уште еден чекор што ќе придонесе за подобрување на квалитетот на животот во руралните средини – информира градоначалникот Николчо Илијев.
Според стручните служби во Општина Кочани, по изборот на најповолен понудувач за реализација на оваа инвестиција, ќе се работи на изградба на 472 м од улицата „Енгелсова“, што води кон Оризари и на изградба на 1414 м на улицата „Мишо Арсов“ кон месноста Пресечена Скала, којашто излегува на главниот пат до селото Гратче.
Реализацијата на овие проекти е овозможена со мерката Развој на јавната инфраструктура во рурални средини преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.