Поради сериозното надоаѓање на водата и опасноста од оштетување на патната инфраструктура, ангажирана е механизација којашто е спуштена во речното корито со цел да се регулира текот на Масалница и да се спречи натамошното поткопување и евентуалните штети.
– Безбедноста на граѓаните и заштитата на инфраструктурата се наш приоритет. Веднаш по добиената информација излеговме на терен и ангажиравме механизација за да се стабилизира коритото и да се спречат поголеми последици. Состојбата постојано се следи и ќе преземеме дополнителни мерки доколку има потреба, вели градоначалникот Грозданов.
Според кажувањата на мештаните, вакво надоаѓање на водата не паметат повеќе од 20 години, а на одредени места длабочината на Масалница достигнува и до 1,5 метар, што дополнително ја усложнува состојбата на терен.
Надлежните служби остануваат на терен и ја следат состојбата, а Општина Кочани апелира до граѓаните на внимателност и навремено пријавување на евентуални нови проблеми.























