Ликовните уметници кои пред неколку месеци почнаа да изработуваат мурали и графити на потпорниот ѕид кај Атомските згради во Кочани, на булеварот „Тодосија Паунов“, продолжуваат со работа. Поволната временска состојба овозможи овие денови таму да бидат создадени нови уметнички креации. Орхан Ќамилов, Иван Шапков, Давид Јосифов и други творци, со насликаните дела упатуваат универзални пораки за повеќе љубов, толеранција и грижа за човековата околина.
– Овој ѕид претходно беше наменет исклучиво за изборни плакати. Сѐ уште постојат траги што сведочат за тоа, кои ние до последна ќе ги отстраниме. Со неговата пренамена, од изборна/политичка во уметничка, испраќаме порака дека е време да се менува перцепцијата на нештата. Додека работиме, уживаме, иако овој простор не е многу безбеден и едноставен за работа. Голем е, и ние ќе се потрудиме во етапи, целосно да го исполниме, па сите заеднички да уживаме во неговиот редизајн – рече академскиот сликар Орхан Ќамилов.
Според службите за јавни дејности во Општина Кочани, оваа активност е дел од општинската Програма за култура, со која се дава акцент на урбаната односно уличната уметност. Целта е сивите и празни ѕидови во градот да добијат уметничка димензија.
На просторот на ѕидот кај Атомските згради што нема да биде насликан во оваа фаза, ќе се работи и догодина. Едновремено ќе се идентификуваат и нови локации за вакви или слични уметнички дела.