По повод Денот на планетата Земја, во вторник, на 21 април, Општина Кочани во соработка со училиштата и велосипедските клубови од Кочани организира хепенинг под наслов „Сите на велосипед“.
Ученици и граѓани од Кочани ќе возат велосипеди низ улиците на Кочани. Дефилето на велосипеди ќе стартува од 11 часот од „Кеј на револуцијата“ (зад Центарот за култура „Бели мугри“), ќе продолжи по улицата „Тодосија Паунов“ до Агенцијата за вработување и назад по истата улица до кружниот тек, па по „Стево Теодосиевски“ и „Димитар Влахов“ ќе продолжи по „ВМРО“ и плоштадот, кон браната Гратче. Планирано е членовите на велосипедските клубови да се искачат до езерото Гратче, а за останатите велосипедисти целта е кај Гоцева Шума.
– Со овој велосипедски хепенинг сакаме да испратиме порака да ја чуваме планетата Земја од загадувања, посебно од чадот што го испуштаат моторните возила и да избираме здрав начин на живеење – информира Голубинка Георгиева, раководител на Одделението за јавни дејности.
Општина Кочани ги повикува сите љубители на велосипедот, без разлика на возраста, да се вклучат во одбележувањето на 22 април, Денот на планетата Земја.