Друштвото за спортови во планина МТБ „Исток“, го подготвува третото издание на натпреварот во планинско трчање Gratche Trail Run 2019.
Трката ќе се одржи на 3 ноември 2019 г., стартот е закажан за 11 часот од паркингот пред мотелот „Гратче“. Должина на патеката е 13 км, со вкупна висинска денивелација од 660 м, опфаќајќи ги прекрасните предели на Браната Гратче, селата Горно и Долно Гратче како и водопадите на Голема Река.
– Трката има за цел да ги промовира убавините на Браната Гратче и Осоговијата како и да придонесе за развој на планинското трчање и спортот воопшто и да биде поттик за младите генерации да се занимаваат со спорт. На минатогодишното издание на Gratche Trail Run учествуваа 190 натпреварувачи што е извонредна бројка за ваков настан, а годинава се очекува да учествуваат уште повеќе учесници – соопшти Панче Зафиров, претседател на МТБ „Исток“.
Како подготовка за планинското трчање, членовите на Друштвото МТБ „Исток“, в недела на 27 октомври 2019 г. ќе се придружат на еколошката акција на компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ и Здружението „Не биди ѓубре“ и паралелно со маркирањето на патеката ќе ја чистат околината на водопадите на Голема Река каде што минува и самата патека на трката.
МТБ „Исток“ упати отворена покана до сите спортисти, рекреативци и граѓани на Кочани да дојдат како натпреварувачи или како публика и да бидат дел од еден убав настан полн со позитивна енергија.