Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска го посети Кочани, при што оствари работни средби со градоначалникот Николчо Илијев и со директорот на Центарот за социјални работи, Кирил Ковачев.
На средбата се разговараше за сите социјални програми коишто се имплементираат во Кочани, а Царовска беше и во Дневниот центар за лица со интелектуална и физичка попреченост, каде дневно престојуваат и ги остваруваат своите активности десетина деца.
– Како Министерство за труд и социјална политика се трудиме да инвестираме во социјалните услуги, затоа што од една страна ги покачивме социјалните трансфери кон граѓаните за 300 проценти и тоа е најважна работа што се случи оваа година. Продолжуваме со развој на социјалните услуги и поддршка на веќе отворените социјални услуги, затоа што без нив не можеме да зборуваме за реална социјална заштита. Третата компонента што ја правиме е инвестиција во вработените. Поради тоа што социјалниот систем се базира на човечкиот капитал и потенцијал којшто беше заборавен, социјалните работници и негователите имаа минимални плати, токму затоа со исплатата на јунската плата, сите вработени добија зголемување за 22 проценти. Дополнително, сите негователи во дневните центри коишто имаа плати нешто над минималната, сега имаат над 18 илјади денари. Сметам дека со тоа ќе се зголеми и мотивираноста за квалитетот на грижа во овие центри. Продолжуваме да соработуваме со градоначалникот и во делот на изградба на детската градинка и во делот на здравствено-социјалната услуга што се случува тука – соопшти Царовска.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев ја истакна одличната соработка на Општината со Министерството за труд и социјална политика.
– Ние, како локална самоуправа имаме повеќе мерки за решавање на социјалните проблеми на граѓаните на Кочани. За формирање на вистинската социјална слика на локалната средина посебно значаен е Мобилниот сервис за здравствени и социјални услуги – Домашна посета, којшто работи изминатава година. Исто така, со одлуки на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите даваме поддршка и на семејствата во социјален ризик. Во соработката со Министерството и со Центарот за социјални работи ќе продолжиме со уште поголема грижа кон граѓаните на Кочани – рече Илијев.
Директорот на Центарот за социјални работи во Кочани, Кирил Ковачев, покрај за позитивната промена на платите ги нагласи обуките и подготовките за семеен социјален работник, којшто ќе ги утврдува приоритните прашања што треба да се решаваат за граѓаните.