Според првичните најави, меѓународниот турнир ќе се одржи на 28 февруари и ќе го носи симболичниот назив „63 Ангели“. Настанот ќе има хуманитарен карактер, а средствата собрани од котизацијата на учесниците ќе бидат наменети за лекување на повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“.
Се очекува на турнирот во карате да учествуваат екипи од земјите од Балканот и од Европа, што ќе му даде меѓународна димензија на настанот и ќе ја пренесе пораката за солидарност и заедништво надвор од границите на државата.
Градоначалникот Владко Грозданов истакна дека ваквите иницијативи се од особено значење за градот и за семејствата погодени од трагедијата.
– Ова е силен и достоинствен начин да се оддаде почит на оние што ги загубија животите и истовремено да им се помогне на повредените. Општина Кочани ќе даде поддршка на турнирот „63 Ангели“, кој носи порака на хуманост, спортски дух и заедништво – соопшти Грозданов.
Организаторите најавуваат дека во наредниот период ќе бидат објавени дополнителни информации за програмата и за учеството на екипите.























