Како дел од кампањата на Министерството за труд и социјална политика и на УНИЦЕФ, под мотото „На секое дете му треба семејство“ беа претставени згрижувачките семејства како форма на деинституционализацијата на децата без родителска грижа.
– Целта на кампањата е да се зголеми бројот на згрижувачки семејства во Македонија бидејќи почна еден голем процес на трансформација на институциите коишто згрижуваат пред сè деца со попреченост и деца без родителска грижа. Значи целта е да мобилизираме што повеќе семејства во оваа хумана активност и да го зголемиме бројот на згрижувачите, како нивниот квантитет така и квалитет – изјави за медиумите Душан Томшиќ, советник во Министерството за труд и социјална политика.
Томшиќ соопшти дека во институциите има околу 170 дечиња коишто можат да бидат згрижени во згрижувачки семејства, а во текот на кампањата се пријавени околу 130 семејства. Министерството планира да отвори и центри кои ќе бидат поддршка на згрижувачките семејства, а Детското СОС село ќе биде еден од обучувачите на семејствата.
– Во УНИЦЕФ, ние веруваме дека секое дете има право на семејство, така што соработуваме со Министерството, со општините и со други партнери, за да го оствариме тој принцип. Кампањата во чии рамки е овој настан настојува во сите делови од земјата да доведе до поголема информираност и повисока свест и да охрабри или поттикне семејства или родители да се пријават да станат згрижувачи. Но и надвор од рамките на згрижувачките семејства потребна е поддршка од целата заедница со цел семејниот живот навистина да биде соодветен за сите деца – рече Елзпет Ериксон, претставничка на УНИЦЕФ.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев истакна дека е задоволен што Кочани може да даде поддршка на оваа кампања.
– Убеден сум дека меѓу граѓаните на Кочани има многумина кои имаат услови и љубов да згрижат дете кај себе. Има луѓе со силни способности да отворат пат за формирање здрав човек и здрава личност – рече во своето обраќање пред присутните градоначалникот Николчо Илијев, кој повика сите заинтересирани подетално да се информираат во Центарот за социјални работи во Кочани.