Градскиот пазар во Кочани е затворен. Улицата „Гоце Делчев“ од мостот кај Плоштадот до џамијата, невообичаено за четврток е празна. Празни останаа и тезгите за зеленчук и овошје на двете страни од Кочанска Река.
– Затворањето на Градскиот пазар е една од мерките што ја донесе Општинскиот штаб за заштита и спасување, за која сметаме дека е повеќе од корисна. Продавачите и купувачите ја испочитуваа и тоа е знак на нивната свест и одговорност во оваа вонредна состојба во која се наоѓаме – изјави градоначалникот Николчо Илијев.
Според Илијев, до пладне бројот на лицата од Кочани што се наоѓаат во самоизолација е зголемен на 94. Главно се работи за луѓе што влегле во државава од земјите со висок и среден ризик, кои мора да ги почитуваат превентивните мерки од болеста КОВИД-19.
ОВР – Кочани поднесе две кривични пријави против лица кои не постапувале според здравствените прописи за време на епидемија.
Примената на мерките заради спречување на внесување и ширење на коронавирусот од страна на локалните институции е редовна. Синоќа, Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ вршеше редовна дезинфекција на улиците во Кочани и на стојалиштата за контејнери, а утрово јавните и најфреквентните површини во Кочани и непосредната околина ги миеше и Територијалната противпожарна единица. Сообраќајните инспектори вршат контрола на такси и јавниот превоз за редовна употреба на заштитни маски и ракавици и за дезинфекција на возилата. Мобилниот сервис за домашна посета и службите за социјална заштита од Општина Кочани досега опслужија четириесетина домаќинства за набавка за храна и лекови за болните, старите и изнемоштените лица.
Градоначалникот Илијев повика граѓаните да бидат совесни и да постапуваат одговорно кон своето и здравјето на другите и да ги почитуваат мерките и препораките од Министерството за здравство и Светската здравствена организација.