Под мотото „Знаеме што сме, не знаеме што можеме да бидеме“, во Кочани започна 61. издание на Драмскиот аматерски фестивал.

Фестивалот го отвори градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов.

– Годинава, кога Кочани слави 100 години од фудбалот во градот, 80 години од загинувањето на Љупчо Сантов и Раде Кратовче – борците на кои им ја должиме слободата, 100 години од раѓањето на уметникот и хуманист Стево Теодосиевски, Драмскиот аматерски фестивал влегува во својата седма деценија. Кочани знае да ја цени уметноста, знае да создаде историја. Ако беше лесна организацијата ќе ни го земеа, затоа да го чуваме одговорно, да го негуваме и да ја одржуваме традицијата – истакна Папазов во своето обраќање.

Поттикнат од отсуството на театарска претстава од градот домаќин, градоначалникот го истакна значењето на аматерското движење како основа на професионалниот театар и повика актуелните театарски и филмски имиња што ја почнале својата кариера од сцената во Кочани да дадат поддршка во негувањето на драмскиот аматеризам во Кочани.

Фестивалот го отвори претставата „Вечера за глупаци“ во изведба на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес. До 26 мај, публиката ќе може да проследи 16 театарски претстави од десетина домашни аматерски театри и состави од Република Србија: Ниш, Крагуевац, Прокупље и Смедеревска Паланка.

Претседателка на ДАФ е Кристина Атанасова Арсова, селектор е Игор Џамбазов, а за најуспешните претстави ќе решава жирито во состав: Пеце Ристевски, Елеонора Теова и Ненад Витанов.