Почитувани,
На крајот на оваа календарска и фискална година, должност ми е да ги сумирам резултатите од сработеното.
Ова е година што ја завршуваме со успешна реализација на буџетските приходи и расходи. Планираниот основен буџет по основ на приходи е реализиран со 89 %, со одличен процент на реализација на даноците на доход и добивка, како и на даноците на имот и на специфични услуги. Реализацијата на капиталните расходи е со 87 %, што значи дека собраните буџетски средства се наменети за трајни добра, подобри услуги за граѓаните и за создавање услови за економски развој. Со буџетот за 2025 година е планирано зголемување за 110 % на капиталните расходи или во вкупен износ од 182.654.000 денари.
2024 година ќе остане под знакот на завршената реставрација и конзервацијата на Споменикот на слободата. Со средства од Американскиот фонд за културна презервација на САД, најголемиот мозаичен монумент на Балканот целосно е обновен. Во рамките на проектот, Споменикот на слободата доби ново осветлување со вкупно 22 лед-светлосни арматури, рефлектори и декоративно парковско осветлување. Светилките овозможуваат 60-70 % заштеда на електричната енергија. Општината ги презема сите неопходни активности за одржување и зачувување на ова грандиозно дело и создавање атрактивна локација за културно-забавни настани.
Први во државава воспоставивме модерен паметен систем за управување со јавното осветлување, кој придонесува за значителна заштеда на електрична енергија и побезбедни јавни простори за граѓаните. Годишните заштеди на електрична енергија од овој систем очекуваме да изнесуваат околу 95 MWh или над 15 отсто. Овој проект, имплементиран од Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) придонесува за подобрување на ефикасноста и квалитетот на планирање на јавните набвки на електрична енергија за улично осветлување.
Определени сме за што повисока искористеност на обновливите извори на енергија: фотоволтаични системи се инсталирани на Фабриката за вода, во ОУ „Никола Карев“ и СОУ „Гошо Викентиев“, како и на Пречистителната станица за отпадни води во Кочани.
Оваа година поставивме нов асфалт на повеќе од 7.000 м2 улици на територијата на општината. Ги изградивме Кејската улица и „Кирил и Методи“ во Оризари, „Новопроектирана“ во Лесна индустрија, „Стефан Коцев“ во селото Бели, реконструиравме делови од улиците „Илинденска“, „Страшо Пинџур“, „Тодосија Паунов“, „14 Бригада“ и „АСНОМ“ во Кочани. Се реконструираат улиците „Борис Трајковски“ и „Гоце Делчев“. На улицата „563“ во Лесна индустрија се поставува фекална канализација. Системот за атмосферска канализација го подобруваме со поставување нови решетки и замена на оштетените и дотраените на улиците „Страшо Ербапче“, „Маршал Тито“, „Лазар Андонов“…
За нови тротоари во 2024 година наменивме 2 милиона денари, за потпорни ѕидови – 4 милиони денари, а за бетонирање улици во градот – 2,5 милиони денари. Реконструиравме повеќенаменски детски игралишта, работевме на прочистување и пробивање на патиштата во ридско-планинскиот дел од општината.
Ги модернизиравме премините преку железничката пруга кај Основниот суд на ул. „Никола Карев“, кај Ветеринарната станица, на ул. „Лазар Андонов“ во Кочани и на влезот кон Подлог. Нивната рехабилитација и проширување го олеснија минувањето на возилата и го забрзаа протокот на сообраќајот.
Во фаза на проектирање е мостот што ќе ги поврзува улиците „Вера Которка“ и „Лазар Андонов“, кој ќе има за цел да го редуцира сообраќајот на улиците „Стево Теодосиевски“, „Глигор Апостолов“ и „Никола Карев“ и да овозможи побрзо и побезбедно движење низ централното градско подрачје.
Со поддршка на Советот на Општина Кочани донесовме три детални урбанистички плана – за градските четврти 5, 6 и 14, што претставува извор на буџетски приходи и основа за урбаниот развој на општината. За годината што претстои планираме донесување и на ДУП-овите за градските четврти 2, 13 и 17.
Успеавме да ги поправиме состојбите на новиот објект на Детската градинка „Детелинки“ во Драчевик, да овозможиме нови вработувања и да го скратиме чекањето за згрижување на децата од претшколска возраст. Од делот на социјалата остануваме да бидеме меѓу водечките општини во државата според степенот на развиеност на мерки за социјална заштита, како и во реализацијата на проектот за нега во домот.
Во делот на образованието, го реконструиравме кровот на ОУ „Раде Кратовче“, а дел од кровот се менува и во ОУ „Св. Кирил и Методиј“. Со здружението „Ромалитико“ реализиравме партерно уредување на дворот во ОУ „Раде Кратовче“, а преку „Ромактед“ – изградба на парк во населбата Трајаново Трло и туторство за деца Роми. Продолжуваме со поддршка на талентираните ученици, стипендирањето на студентите, поддршка на учениците од ранливи семејства со училиштен прибор…
Поддршката на младите ја продолжуваме следејќи ги потребите и трендовите, со посебен акцент на роботиката, инженерството, информатиката, но и во спортот – подобрувајќи ги условите за спортување и рекреација. Во таа насока е реконструкцијата на спортскиот терен во месноста Бавчалук. Нивната вклученост е и во културата – освен во реализацијата на традиционалните културни манифестации: Денови на кочанскиот ориз, ДАФ… и во креирањето мурали, како што беа овогодишните на Споменикот на слободата во Кочани…
Почитувани,
Зад нас останува тешка година. Година во која се бориме за поздрава, побезбедна животна средина, растргнати меѓу европскиот проект за современ третман на отпадот преку изградба на регионална депонија и отпорот на граѓаните коишто бараат поинаква форма за негова реализација од пропишаната. Изминатиов период многупати, на различни начини бев критикуван и обвинуван… Но, сакам јавно да соопштам дека во ниеден момент, со ниту една потпишана одлука или каков било документ не сум бил против граѓаните и нивното право на здрав живот. Ова се историски моменти за Кочани, на градење рамнотежа меѓу законите и желбите односно намерите. Времето ќе покаже дека сите преземани чекори од мене и од надлежните служби се во насока на почиста средина и поздрав живот. Без современ третман на отпадот и градење повисока екосвест – тоа е невозможно.
Годинава, Владата одобри 89 милиони денари за Општина Кочани за реконструкција на дел од булеварот „Тодосија Паунов“ од спојот со улицата „Киро Кикенски“ до почетокот на разделното зеленило кај СОУ „Гошо Викентиев“, во должина од 1.000 метри. Средства со коишто ќе го реализираме проектот за уредување на источниот влез во Кочани, кој вклучува и изградба на потпорни ѕидови. Во финансиската конструкција на овој проект Општина Кочани учествува со 3,5 милиони денари сопствени средства. Ова претставува историски најголемата инвестиција на централната власт за локалните самоуправи, во вкупен износ од 250 милиони евра.
Во 2025 – од централно ниво Општина Кочани ќе очекува нов прилив на средства што планираме да биде наменет за реализација на проектите: Јужен булевар, Дом за стари лица и Мост на Кочанска Река. Реконструкција на трета фаза од главен потисен цевковод, изградба на атмосферска канализација.
Според Индексот на активна транспарентност, Општина Кочани петта година по ред е во најдобрата група институции, кои ги исполнуваат обврските од 80 до 100 %, а Источниот Регион, каде што припаѓа Општина Кочани, со 88 % е на челното место меѓу осумте плански региони.
На ранг-листата, пак, на остварувањето на антикорупциските перформанси во јавните набавки на единиците на локалната самоуправа, Општина Кочани се најде во групата општини на средно жолто ниво.
Почитувани,
Во годината што претстои остануваме на концептот за развој и одржливо управување на Општината. Нашите определби се општина на задоволни граѓани, заедница во која ќе разговараме и ќе ги решаваме проблемите со дијалог и заеднички ќе се бориме за одржлив развој по мерка на секој граѓанин, без разлика на етничката, верската припадност или на социјалниот статус.
На крајот, дозволете ми во Новата 2025 година, на сите граѓани на Општина Кочани да им посакувам здравје, успех, бериќет, љубов, убави моменти и многу поводи за радост.
Ви посакувам пријатни празници!