Со традиционалниот чин на осветување на водите и потопувањето на крстот во Кочанска Река, во Кочани беше одбележан големиот христијански празник Богојавление. Чесниот крст го извади од реката 32-годишниот верник Марјан Заов, а настанот се одржа на Крушарскиот мост, во организација на црковниот храм „Св. вмч. Георгиј“.

Богојавленскиот ритуал го предводеше неговото високо преосвештенство, митрополитот Брегалнички г. Иларион, во присуство на голем број верници, кои и покрај студеното време, традиционално учествуваа и сведочеа на овој значаен духовен настан.

– Оваа вековна традиција ги обединува граѓаните и ги зајакнува нашата духовна врска и заедништвото. Им посакувам многу здравје, среќа и духовен мир на сите семејства и на сите граѓани на Општина Кочани – изјави градоначалникот Грозданов, кој на Марјан Заов му подари златник.

Честитајќи им го Богојавление на верниците, митрополитот Брегалнички г. Иларион ја истакна духовната симболика на празникот и повика сите да живееме во љубов, мир и заедништво, грижејќи се еден за друг.