Бетонираната пешачка патека е со должина од 130 метри и ширина од 2,5 метри и има за цел да обезбеди побезбеден и подостоинствен пристап за родителите и граѓаните кои секојдневно доаѓаат да им оддадат почит на своите најблиски.
Градоначалникот Владко Грозданов истакнува дека Општината останува посветена на создавање пристојни услови на ова чувствително место.
– Должност на локалната самоуправа е да покаже разбирање, човечност и одговорност. Трагедијата што се случи пред девет месеци остави длабока болка, а наша обврска е да направиме сѐ што е во наша надлежност за родителите и семејствата да можат достоинствено да им оддадат почит на починатите младинци. Ова е мал, но неопходен чекор во таа насока – изјави Грозданов.
Општина Кочани најавува дека и во наредниот период ќе се разгледуваат дополнителни можности за подобрување на условите во овој дел од Градските гробишта, во согласност со потребите на семејствата.























