На средбата се разговараше за актуелната состојба во Кочани, во пресрет на годишнината од трагичниот пожар во објектот „Пулс“, како и за тековните активности на Општината, предизвиците и можностите за понатамошен развој. Градоначалникот Грозданов ја информираше амбасадорката за напорите што ги вложува локалната самоуправа за подобрување на безбедноста, јакнење на капацитетите на службите и за унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.
Амбасадорката Дрекслер ја истакна подготвеноста на Амбасадата на Германија да продолжи со поддршка и помош за Кочани, нагласувајќи дека, во соработка со Делегацијата на Европската Унија и со други дипломатски мисии, ќе се настојува да се одговори на конкретните потреби на заедницата.
Во таа насока беше и благодарноста од Општина Кочани за досегашната поддршка што Германската амбасада ја обезбеди за Кочани, вклучително и за Доброволното противпожарно друштво – Кочани, преку донации и опрема што значително придонесоа за зајакнување на подготвеноста и капацитетите за справување со пожари и други вонредни состојби. Таа поддршка беше оценета како важен пример за солидарност и конкретна помош на терен.
Средбата заврши со заедничка оценка дека соработката меѓу Општина Кочани и меѓународните партнери е од клучно значење за надминување на последиците од трагедиите и за градење побезбедна и поотпорна локална заедница.























