ВЕТСКИОТ ДЕН НА ДЕТЕТО ОДБЕЛЕЖАН СО СООБРАЌАЈНА ЕДУКАЦИЈА ВО ТРКАЊЕ
По повод 20 Ноември – Светскиот ден на детето, Општина Кочани, Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – Кочани и полициски службеници од Полициската станица за безбедност на сообраќајот – Кочани реализираа едукативна активност со учениците од Подрачното основно училиште „Никола Карев“ во село Тркање.
Под мотото „Види и биди виден“, учениците вежбаа правилно преминување на улицата на пешачки премин и се потсетија зошто е важно да внимаваат на сообраќајот, без да користат телефон или слушалки. Се разговараше и за правилно движење по тротоар и безбедно возење велосипед и тротинет со заштитна кацига.
Учениците споделија и свои забелешки за уличното осветлување, состојбата на улиците и присуството на кучиња во селото. На крајот, секој ученик доби сообраќајна боенка со која ќе може да го повтори наученото.
Секое дете има право безбедно да се движи. За тоа се важни и сообраќајната едукација и одговорното однесување на возрасните, како и создавањето побезбедни услови за движење.
За безбедно детство – сите сме одговорни!