На нива во селото Горни Подлог, пред голем број посетители, во рамките на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ денеска беше изведен обичајот зажнејување, со што симболично започна жетвата на оризот во Кочанско.
Членови на Здружението на пензионери – Кочани, во народна носија, со срп ја почнаа жетвата, чин придружуван со изведба на традиционални жетварски песни.
Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов истакна дека Кочани е нераскинливо поврзан со оризот, а манифестација го чува значењето на трудот и маката на оризопроизводителите.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски изјави дека ова претставува свечен ден за целата држава и ги нагласи настојувањата на министерството за решавање на проблемите со пласманот, производството и цената на оризот, со главна цел – земјоделците да бидат задоволни и да се зачува квалитетот на оризот.
Во кругот на манастирот „Св. Јован Опсечен“ во Горни Подлог беше прикажан и обичајот вршидба, а присутните имаа можност да вкусат традиционална храна и да проследат богата културно-уметничка програма.