На Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани денеска беше означен почетокот на меѓународната програма KNVB Worldcoaches, „Фудбал за животни вештини“ што ја реализира Кралската холандска фудбалска федерација, со поддршка од UEFA, во партнерство со организацијата „ТАКТ“.
Во присуство на холандската амбасадорка Узлем Џанел и градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов, официјално започна обуката на 23 фудбалски тренери од источниот регион, коишто ќе се стекнат со меѓународни лиценци.
– Вашиот град помина низ многу тежок период, и колку и да сакаме, за жал не можеме го смениме тоа што се случи во март минатата година. Она што сепак можеме да го направиме е заедно да работиме кон подобра иднина на сите, особено за младите луѓе во овој регион. Фудбалот е многу повеќе од игра, креира чувство на припадност, ги сплотува луѓето и им дава можност на младите да се развиваат и надвор од теренот. Вие, учесниците во оваа програма, сте многу повеќе од обични тренери – вие сте оние што можат да креираат безбедна околина која ќе ги поттикне младите да станат најдобрата верзија од самите себе. Фудбалот е одличен начин да се спојат луѓето и да бидат заедно, за да работат за подобро општество – истакна амбасадорката Џанел.
Заблагодарувајќи се за обуката којашто носи долгорочна вредност за локалниот спорт, градоначалникот Грозданов рече:
– Оваа програма е значајна придобивка за нас и за нашите тренери. Имаме многу солидни тренери што со ваша поддршка ќе се стекнат со лиценци од меѓународен карактер од Фудбалската федерација на Холандија. Како Општина ги прифаќаме сите овие позитивни примери и се надеваме на уште попродуктивна и попродлабочена соработка.
Магдалена Спасовска од партнерската организација „ТАКТ“ соопшти дека од дваесет и тројцата тренери што учествуваат на обуката, десетина се жени