Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов и претседателот на Здружението на граѓани за хуманитарни активности „Лазарус хуманитарна организација Македонија“ – Ред на Свети Лазарус од Скопје, Ѓоко Динев, потпишаа договор за донација на елаборат за поставување урбана опрема – монтажно-демонтажни јавни паркинзи во Кочани.
Донацијата претставува придонес кон напорите за подобрување на условите за паркирање и поефикасно искористување на јавниот простор. Елаборатот ќе послужи како основа за понатамошно планирање и разгледување на можностите за воспоставување дополнителни паркинг-капацитети во градот.
Вкупната проценета вредност на проектот изнесува 17.000 евра. Со оваа иницијатива се отвора можност за примена на нови решенија во организацијата на јавните паркинг-простори, во насока на подобрување на сообраќајната функционалност и урбаното уредување на Кочани.