Со пригодна програма беше одбележана 5-годишнината од формирањето на Доброволното противпожарно друштво, кое во изминатите години со својата работа и посветеност даде значаен придонес во заштитата и безбедноста на заедницата.
Во рамки на одбележувањето се одржа натпревар во противпожарни и спасувачки вештини, каде учесниците ги покажаа своите знаења, вештини и подготвеност за дејствување при пожари, природни непогоди, катастрофи и спасувачки акции.
Во натпреварувачките активности учествуваа и ученици од основните училишта, кои преку практични задачи, натпревар и дружење имаа можност поблиску да се запознаат со работата на доброволните пожарникари и нивната важна улога во заедницата. На интересен и непосреден начин, најмладите учеа и за значењето на тимската работа, одговорноста, хуманоста и подготвеноста да се помогне кога е најпотребно.
Јубилејот беше можност и за средба, дружење и размена на искуства со учесниците и гостите од Бугарија, Словенија и Србија, со што уште еднаш се потврди значењето на соработката и поврзувањето меѓу доброволните противпожарни друштва.
Настанот го отвори градоначалникот Владко Грозданов, кој ја истакна успешната соработка со ДПД и упати благодарност до неговите членови за нивниот ангажман, храброст, пожртвуваност и посветеност во бројните интервенции и ситуации во кои несебично се ставаат во служба на граѓаните.
За само пет години, ДПД Кочани со својата организираност, работа и посветеност стана пример за тоа како се гради и развива доброволното пожарникарство и како се создава тим на кој заедницата може да се потпре.
Честит 5-годишен јубилеј и уште многу години успешна работа, заедништво и нови успеси