Со оддавање признание за хуманоста и пожртвуваноста на пожарникарите, во кругот на ТППЕ – Кочани денеска беше одбележан 20 Мај – Денот на македонските пожарникари.
Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов изрази голема благодарност до сите пожарникари за нивната секојдневна подготвеност да ги заштитат животите и имотот на граѓаните.
– Овој ден е посветен на оние најхрабрите, на оние кои го жртвуваат својот живот за да спасат друг живот и на оние кои влегуваат во катастрофата кога другите излегуваат. Огромна благодарност до сите поддржувачи на нашата Територијална противпожарна единица и на Доброволното противпожарно друштво, посебно на ЕВН Македонија, од каде што денеска пристигна донацијата – четирицикл. Изразуваме голема благодарност и за поддршката на нашите пожарникари од Видеолотарија, МЕПСО и сите амбасади – истакна Грозданов.
Одбележувањето на празникот помина во знак на модернизација на Територијалната противпожарна единица – Кочани, која доби вредно засилување во својот возен парк – нов четирицикл наменет за интервенции на тешко пристапни терени, обезбеден како донација од ЕВН Македонија.
Во знак на подобрување на меѓуопштинската соработка, на свеченоста присуствуваа и градоначалниците на Општина Чешиново-Облешево, Јорданчо Костадинов и на Општина Зрновци, Ванчо Митев.
Традиционално, градоначалникот им додели признанија на најдобрите пожарникари во изминатата година, како симбол на благодарност од заедницата за нивниот професионализам, храброст и деноноќна будност. За најуспешен пожарникар од ТППЕ – Кочани е прогласен Горан Стојанов, а од ДПД – Кочани – Гоце Василков.
Командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов изрази огромна благодарност до своите колеги за нивната пожртвуваност и тимска работа. Соопштувајќи ја статистиката за пожарите во 2026 година, истакна дека досега ТППЕ – Кочани имала 116 интервенции, од кои 60 % се на отворен простор.























