ул. „Раде Кратовче“ бр.1, 2300 Кочани • +389 33 274 001
Република Северна Македонија

Општина Кочани

Соопштенија

Денеска во Кочани, во комплексот „АСНОМ“ е отворен Центарот за дневен престој на лица со попреченост над 26 години, каде што се испорачува нова меѓуопштинска услуга за жителите на Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци.

Денеска во Кочани, во комплексот „АСНОМ“ е отворен Центарот за дневен престој на лица со попреченост над 26 години, каде што се испорачува нова меѓуопштинска услуга за жителите на Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци.

Центарот е со капацитет за 12 корисници, со стручен тим што обезбедува секојдневна поддршка, дружење, едукација и социјална грижа и е воспоставен во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги, со поддршка од Светска банка и Министерството за социјална политика, демографија и млади, во партнерство со општините Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци и со Црвен крст – Општинска организација Кочани, како лиценциран давател на услугата.
– Прекрасно е да ја видите среќата во очите на оние што не можат да се грижат самите за себе. За Општина Кочани беше особено важно активно да учествува во воспоставувањето на Центарот. Обезбедивме простор во комплексот „АСНОМ“, вложивме 800.000 денари сопствени средства, обезбедивме градежен надзор, изработка на нов проект за адаптација, како и дополнителна инфраструктурна поддршка којашто беше потребна во текот на реализацијата. Особено сме благодарни што во оваа заедничка иницијатива се вклучи и локалниот бизнис-сектор. Тоа е една од најважните придобивки од овој проект – грижата за најранливите не е задача само на семејството, ниту само на Општината или на државата. Таа е заедничка одговорност на целата заедница. А суштината на сето ова се луѓето за кои ја воспоставуваме услугата. Затоа отворањето на Центарот за нас не е завршување на еден проект, туку почеток на една долгорочна обврска – вели градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски истакна дека е мошне значајно е што овој Центар е резултат на обединувањето на државата, локалната самоуправа, граѓанскиот и бизнис-секторот околу една важна потреба на граѓаните.
Центарот е замислен како место каде што лицата со попреченост ќе поминуваат дел од денот, ќе добиваат стручна и индивидуализирана поддршка, ќе ги развиваат и одржуваат своите способности и вештини, ќе се дружат, ќе создаваат пријателства и ќе бидат поактивно вклучени во животот на заедницата. Истовремено, Центарот ќе биде важна поддршка за нивните семејства.
Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Саит Саити, ја нагласи важноста на партнерствата за реализација на хумани активности за подобрување на условите за живеење на посебните целни групи.
Градоначалникот Грозданов соопшти дека Општина Кочани ќе продолжи, заедно со Министерството за социјална политика, демографија и млади, партнерските општини, Црвен крст, институциите и приватниот сектор, да работи на развојот на социјалните услуги и на создавање заедница во која и најранливите наши сограѓани ќе имаат поддршка, можности и достојно место во заедницата.
Facebook
X
LinkedIn
Print
Email