ул. „Раде Кратовче“ бр.1, 2300 Кочани • +389 33 274 001
Република Северна Македонија

Општина Кочани

Новости

Професионални дишни апарати за пожарникарите од Кочани – донација од „Амфенол“

Професионални дишни апарати за пожарникарите од Кочани – донација од „Амфенол“

Територијалната противпожарна единица – Кочани прими донација од компанијата „Амфенол“ – четири најсовремени апарати со компримиран воздух, специјално дизајнирани за гасење  пожари во индустриски и во најтешки услови.

Донираната опрема, во износ од 10 илјади евра, ги исполнува највисоките европски и светски безбедносни стандарди, изработена е од огноотпорни материјали, а боците работат под висок притисок од 200 до 300 бари. Апаратите се лесни за носење, тежат околу 3 кг без боцата и поседуваат звучен аларм и прецизен манометар за навремено предупредување.

– Ова е донација што ја обезбедивме за ТППЕ – Кочани за оваа година, со цел таа директно да придонесе за поголема безбедност и ефикасност на пожарникарите на терен.  Се надевам дека на овој начин ќе успееме да ги заштитиме и да ги мотивираме, да знаат пожарникарите дека и во најтешките моменти не се сами – истакна Сашко Наков, директор на компанијата „Амфенол“.

Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов упати огромна благодарност до компанијата „Амфенол“ за донацијата.

– Донацијата од маски и боци е исклучително значајна за спасување животи во најтешки околности. Овозможува нормално дишење во затворени простории каде што токсичноста е огромна и благодарни сме што со оваа современа опрема пожарникарите при интервенирањето ќе можат да се задржат подолго време, а притоа ќе можат слободно да дишат – изјави градоначалникот Грозданов.

Благодарност за донацијата од општествено-одговорната компанија „Амфенол“ изрази и командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов, кој додаде дека апаратите се од голема помош во справувањето со пожарите коишто, за жал, се случуваат сѐ почесто.

Facebook
X
LinkedIn
Print
Email