Под мотото на Европската недела на мобилност „Ајде заедно да го трансформираме секое патување и да обезбедиме мобилност за сите!“, а согласно Програмата за сообраќај, Општина Кочани, во вторник, на 22 септември ќе го обележи Денот без автомобили.
Во соработка со МВР ОВР ПС Кочани, ОСБСП Кочани, со основните и средните општински училишта, граѓански организации, групи и поединци, од 11 до 13 ч. ќе се изведе велосипедската тура „По патеката на оризот“.
Поаѓањето е во 11 ч. пред општинската зграда, а велосипедистите ќе се движат по улиците „Маршал Тито“, „Никола Карев“, преку Грдовци до Мојанци, со кратка пауза во кругот на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Мојанци. Оттаму ќе продолжат преку Подлог, кон девијацијата кај Антура, кружните текови кај „Кочанско Поле“ и кај Крстот, потоа по улиците „Димитар Влахов“, „Глигор Апостолов-Гочо“, „Никола Карев“, по кружниот тек кај Полициската станица во Кочани, по улиците „Тодосија Паунов“, „Кеј на Револуција“ до Општина Кочани, каде што ќе заврши велосипедската тура.
Општина Кочани по дванаесетти пат се вклучува во обележувањето на Европската недела на мобилност, како водечка кампања на Европската комисија за подигање на свеста за одржлива урбана мобилност