Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, денеска го прими младиот кочанчанец Владимир Грчев, кој на своето прво учество на Светската олимпијада по информатика – IOI 2026, освои бронзен медал, натпреварувајќи се со најдобрите млади информатичари од целиот свет.
Овој голем успех е уште една потврда за талентот, знаењето и посветеноста на Владимир, кој зад себе веќе има европско злато, четири титули државен првак по информатика и петгодишно учество во македонските репрезентации на најзначајните меѓународни натпревари.
Владимир е наш сограѓанин, кој своето средно образование го продолжи во „Јахја Кемал“, а со своите постигнувања во континуитет го афирмира Кочани на домашната и меѓународната сцена.
Горди сме што Кочани има млад човек како Владимир, кој со своите врвни резултати достојно го претставува нашиот град и Македонија на светската сцена и претставува вистински пример и инспирација за младите генерации.
Како признание за постигнатиот успех и за повеќегодишната афирмација на Кочани, градоначалникот Грозданов му врачи благодарница и персонализирани подароци, со желби за уште многу успеси и нови достигнувања во иднина.
