Највисоката награда „Васил Ќортошев“ на 56. издание на Драмскиот аматерски фестивал ја доби претставата „Немам каде да се вратам“, во режија на Дени Стојанов, а во изведба на театарот Kunstwerksstatt од Скопје. Според одлуката на жирито, во претставата била прикажана квалитетна колективна игра со комплицирана естетика во изразување на сериозна светска проблематика, низ која се проткајува будење на општествена одговорност и емпатија.

Наградата за најдобра главна женска улога ја доби Кристина Николова за ликот на Ева во претставата „Умри машки“ на Домот на културата „Мирка Гинова“ од Демир Капија, а за главна машка улога Виктор Анѓелкоски за врвното актерско мајсторство во улогата на „Џош“, во претставата „Бенг, бенг и мртов си“, во изведба на Центарот за култура „АСНОМ“ од Гостивар.

Наградата за најдобра режија ја понесе Александар Нешкоски, а наградата за истражување на нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар ја доби претставата „Робоград“, во изведба на аматерскиот театар „Колектив Ветерница“ од Скопје. Наградени беа и Мила Глигоровска и Орхан Багашов за женска и за машка епизодна улога, додека за најдобра детска претстава беше прогласена „Возможна приказна – Абракадабра“ во изведба на Летечката театарска трупа од Тетово.

Во овогодишната програма на ДАФ беа прикажани 12 тетарски претстави, а во придружниот дел на Фестивалот беа промовирани неколку литературни и музички изданија, изложба на плакати и други уметнички перформанси.