Untitled Document
kocani.gov.mk
wikipedia
Untitled Document
Земјоделски површини
Земјоделското земјиште во Кочани зафаќа површина од 22.940 ха, од кои 7.312 ха припаѓаат на индивидуалниот сектор. Обработливи се 4.849 ха.

Под овоштарници се 101 ха, 95 ха се лозја, а од нив 86 ха се во индивидуалниот сектор.

Под шуми се 10.267 ха, а пасиштата се на површина од 6.076 ха, а ливадите на 110 ха.

Најкарактеристична земјоделска култура е оризот, па Кочани е познат како град на оризот – град на белото злато. Пределите околу Кочани имаат идеални услови за одгледување квалитетен ориз. Најголем дел од обработливите површини се наводнуваат и тоа преку акумулациски објекти и разгранета каналска мрежа од 280 км.

Според податоците на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во осумдесеттите години на XX век во Кочанско имало околу 6.000 хектари под ориз. Во 1994 година ориз се сеело само на 1.008 ха, а во последниве десетина години оризот се одгледува на околу 4.000 ха. Во последниве четири години приносите се движат над 5.000 кг/ха. Во 2014 година килограм арпа се продавал по цена од 25 денари, а килограм бел ориз од 60-65 денари.

Најзастапени сорти ориз се: „сан андреа“, „монтичели“, „кочански бисер“ и др. Квалитетот на оризот е потврден на саемот во Брисел, „Еурека 2000“, со признанието Гран-при-најдоброто од Македонија, со заштитен знак број 1 – оризот – кочанското бело злато.

Од март 2013 година започна да се реализира проектот „Развој на производството и квалитетот на оризот во Република Македонија“ што го финансира Турската агенција за соработка и координација – ТИКА во соработка со македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Со овој проект започнаа активностите за воведување нови, турски сорти ориз на површините на Кочанско Поле.

Според првичните, прелиминарни согледувања на стручниот тим од Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје што ги работи истражувањата, турските сорти ориз во најголем број покажаа повисок принос на зрно, а и подобар рандман од сортата „сан андреа“. Кај поголемиот број турски сорти е регистрирана и пократка вегетација што овозможува порана жетва на оризот.
Untitled Document
Локалитети