В понеделник, на 30 октомври со почеток од 20 часот на сцената во Национална установа Центар за култура „Бели мугри“ – Кочани ќе биде прикажана театарската претстава „Да го поздравиш и да ми го бациш“. Претставата е камерна и е со ограничен број на седишта, за публика над 16 години. Влезот е бесплатен.

„Да го поздравиш и да ми го бациш“ е документарна претстава, авторско дело на режисерката Билјана Радиноска и актерите Бојан Кирковски, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Симона Спировска Костовска. Претставата ја раскажува приказната за растењето, за соништата за себеостварување и соочување со општествените механизми на функционирање.

Темите што се отвораат во претставата – уметноста во себе, надежите, стравовите, борбите за остварување на креативниот потенцијал, се од различните искуства на актерите и зборуваат за борбата за индивидуална слобода.

Претставата е во продукција на „Артропија“ од Скопје, продуцент е Филип Николовски.