Во саботата, на ски-патеката број 3 на Спортско-рекреативниот центар „Пониква“ се одржа „Осоговскиот велеслалом 2015“.

Во отежнати околности поради врнежите од снег, на велеслаломот настапија шеесетина натпреварувачи во категориите цицибани, јуниори, јуниорки, младинци, младинки и ветерани.

Митко Петров, еден од организаторите на манифестацијата, изрази задоволство од интересот на скијачите кои на Пониква допатуваа од повеќе градови, главно од источниот дел на Македонија. За голем дел од нив, и покрај лошите временски услови, патеката и настанот беа голем предизвик да ги покажат своите знаења, техники и скијачки вештини.

Манифестацијата „Осоговски велеслалом“ се возобнови во 2013 година, по 26-годишен прекин. Покровител е Општина Кочани, а организатори се познати кочански вљубеници во зимските спортови, со поддршка на локалните угостители и спонзори. Ова е еден од настаните со кои туристичките работници и Општина Кочани настојуваат да ги прикажат можностите и убавините на Осоговските Планини.