По повод 17 март, Денот на крводарителите на Република Македонија, градоначалникот Ратко Димитровски организираше прием за претставници од Општинската организација на Црвениот крст – Кочани.

На средбата градоначалникот се запозна со активностите и плановите на кочанските крводарители за тековната година.

– Минатата година реализиравме 87% од планот за крводарување. За оваа година планираме 21 крводарителска акција во Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци, рече претседателот на Комисијата за крводарување во Црвениот крст – Кочани, Дејанчо Арсов.

Меѓу крводарителите што се сретнаа со Димитровски беа и 48-годишниот кочанец Ацо Ангелов, кој неодамна дарувал крв по стоти пат и 18-годишниот Иле Гаврилов, најмладиот крводарител во Кочани. Според податоците на Црвениот крст, во Кочани има седуммина кои дарувале крв повеќе од педесет пати.

На средбата, градоначалникот Димитровски иницираше, во пресрет на Меѓународниот ден на крводарувањето, на 12 јуни, да се реализира крводарителска акција со вработените во општинската администрација и јавните општински установи.